ABOUT ASCLEPIUS

За АСКЛЕПИЈ

Македонското здружение за  заштита и спасување во планина и непристапен терен  АСКЛЕПИЈ Скопје е формирано во 2005

година во Скопје, со слободно здружување на истомисленици и  ентузијасти, чија главна цел е зголемување на безбедноста и заштитата на граѓаните, во ситуации кои вклучуваат  карпест и непристапен, планински терен, клисури, кањони, пропасти и останати тешко пристапни предели.

Идеата за формирање на здружението првенствено  потекнува од членовите на Алпинистичкиот клуб МАТКА од Скопје, како најзасегнати околу проблемот со безбедноста и спасувањето  на планина.

По сопствена иницијатива и желба, со цел поголема афирмација и запознавање на јавноста  со ваквата идеа и проблематика, членовите на АСКЛЕПИЈ се во постојана комуникација  и  со лица  кои се докажани со своите организациски способности и контакти во деловниот и корпоративен Сектор на Република Македонија,  како дополнителна поддршка  во организациската структура на оваа проблематика, која ќе може да започне со решавање, реализација  и интеграција  на спасувањето, како  дел од општествената одговорност  во    Република Македонија.

Со Законот за спасување, оваа група ентузијасти гледа одлична можност за надополнување и поголема целесообразност на постоечкиот институционален систем за спасување во Република Македонија.

На алпинистите, подоцна, во нивните напори им се приклучија и активисти од другите дејности летачи, скијачи, доктори и др. кои исто така се засегнати или пак солидарно и доброволно покажаа интерес околу  проблемот со спасувањето во Република Македонија.

ВИЗИЈА

Здружението за заштита и спасување во планина и непристапен терен АСКЛЕПИЈ Скопје во иднина го гледаме како силна организациска структура која во своите редови ќе ги обединува волонтерите во Република Македонија  определени за хуманост и помагање кои сакаат да се поврзат на сите нивоа со сличните организации пред се во регионот , Европа и светот.

ЦЕЛИ:

  1. Спасување на луѓе, добиток и материјални добра, во планина во различни временски услови.
  2. Пребарување на планински области и терени во различни временски услови.
  3. Спасување од карпи и непристапни терени како клисури, кањони, пропасти и сл.
  4. Извлекување на луѓе и материјални добра од карпест и непристапен терен.
  5. Мониторинг за опасност од шумски пожари и други еколошки катастрофи.
  6. Евакуација на луѓе и други добра од непристапни терени при елементарни непогоди.
  7. Доставување храна, санитетски материјал, медицинска помош и други добра до отсечени населени места во зимски услови и други непогоди.
  8. Пребарување, спасување и укажување прва помош при елементарни катастрофи (земјотреси, поплави, лавини од поголем интензитет, одрони на земја, блокирани планински патишта и сл).
  9. Пребарување, спасување и укажување прва помош при сообраќајни незгоди со поголем обем (авионски, железнички, патни и други несреќи на планински или непристапен терен).
  10. Спасување на луѓе и добра во индустриски објекти (непристапни места, кранови, фабрички оџаци, силоси, брани, мостови, рудници и сл).
  11. Спасување на луѓе и добра на непристапни места во урбана средина (кровови, фасади, мостови, лифтови, бунари, обиди за самоубиство и сл).
  12. Спасување на туристи во скијачките центри (повредени скијачи, евакуација на луѓе од блокирани жичници, други интервенции на жичниците, настрадани во лавина и сл), како и едукација на локалниот персонал за основните подготвителни постапки за спасување и прва помош.
  13. Спасување на лица вработени во шумските стопанства, како и нивна подршка и едукација за постапки при различни ситуации.
  14. Подршка на екипите на Електростопанство, Телеком, Радиодифузијата, Водостопанството и сл, при потреба од интервенции на непристапни терени или во неповолни временски прилики.
  15. Издавање стручна литратура.
  16. Издавање пропагандни материјали за превентивно делување против несреќите од ваков вид и превземање правилни постапки при истите.
  17. Едукација на населението, вработените во индустријата и стопанството, за превземање правилни постапки при елементарни катастрофи и несреќи од ваков тип.
  18. Поставување систем на известителни точки низ територијата на Р. Македонија.
  19. Поврзување со останатите регионални и светски служби од сличен карактер за вклучување во глобалниот нотруф систем, како што е IKAR (Internazionale Komission fur Alpines Rettungswesen) и други.

СТРУКТУРА

Здружението Асклепиј во своите редови има искусен кадар од областа на алпинизмот, медицински и пилотски персонал.

Алпинистичкиот кадар е обучуван според критериумите на Македонската алпинистичка федерација чии норми се во согласност меѓународните стандарди – стандардите на Меѓународната алпинистичка асоцијација (UIAA – Union International des Alpinistic Assotiations, www.uiaa.com) и одговорниот орган – комисијата при неа за спасување на планина (IKAR – Internazionale Komission fur Alpines Rettungswesen).

Покрај тоа во својте редови имаме квалитетно обучен кадар по меѓународни стандарди (пилоти, доктори на медицина, професори, возачи, стручњаци за телекомуникации) кои истотака се врвни професионалци во својата област. Нашите членови се наоѓаат на одговорни работни места во државните институции (Министерство за внатрешни работи, Армијата на Република Македонија, здравство и сл.)

СТАНДАРДИ

– теренско, класично спасување реализирано од теренски екипи кои до местото на несреќата доаѓаат со помош на возила или со пешачење, и се применува доколку спасувањето со хеликоптер не е возможно.

– воздушно, хеликоптерско спасување спасување во кое до настраданиот се доаѓа со хеликоптер, и е приоритетен начин на спасување кој се применува веднаш по добиениот повик за помош.

– спасување на настрадани во снежна лавина посебен вид на пребарување на теренот зафатен од лавина со користење на посебна техника и опрема.

– алпска медицина

посебен осврт на можните повреди кои најчесто се случуваат на вакви терени и начинот на нивно третирање.

МИСИЈА

Мисијата на здружението е да се вклучи активно во системот за спасување во Република Македонија, поврзувајќи се пред се со државните институции задолжени за решавање на овој проблем, но од друга страна, здружението АСКЛЕПИЈ одржува интензивни контакти за склучување договори и меморандуми за соработка со деловни субјекти во Република Македонија кои се поврзани или можат да бидат поврзани со дејноста на спасувањето и кој спасувањето го сметаат како дел од општествената одговорност.

Цел ни точки во нашата мисија се:

– да ги обединиме сите квалитетни потенцијали во Македонија од невладиниот сектор кои можат и сакаат да се вклучат во дејноста на спасувањето;

– да ја шириме идејата за спасувањето и помагањето меѓу населението во Република Македонија  посебно меѓу младите;

– да влијаеме врз институциите на системот со цел инкорпорирање правилни мерки за изградба на ефикасен европски и светски систем за спасување, без категоризации и изговори во однос на пристапноста на теренот.

Имајќи ја предвид  динамиката со која ги преземаме и реализираме сопствените цели и задачи, се надеваме дека во брзо време нашата мисија ќе стане реалност и мото на сите инволвирани субјекти во спасувањето.